privatnite prevoznici pred grad skopje

12.12.2022 Скопје

Приватните автобуски превозници сѐ уште протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ околу Градот Скопје. Откако не беше одговорено на нивното барање за средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, тие чекаат да бидат примени од Владата.

Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ изјави дека се надева на средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе зборуваат за актуелната состојба. Доколку не се оствари средбата, можно е и да се радикализираат протестите. Воедно, напомена дека блокадите се повлечени од крстосниците „Мавровка“ и „Црвен крст“ со цел да се намали хаосот во сообраќајот и да им се овозможи на граѓаните полесно движење.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ почнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат повторно да почнат со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен крст, како и булеварот „Илинден“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author