24.12.2022 Скопје
Грчката полиција ги претресла канцелариите на израелската фирма „Интелекса” во Атина. Компанијата го оперира нелегалниот софтвер за прислушување „Предатор” кој во Грција од летоска се најде на насловните страници откако беше пронајден на мобилните телефони на новинари и политичари.
Костас Ваксеванис, главен и одговорен уредник на весникот „Документо” кој е критички настроен кон владата, истакна дека се најдени три расипани столчиња и една расипана маса. Притоа, тој не успева да го потисне цинизмот во тонот. И покрај доказите, јавното обвинителство дури сега презело мерки.
Ваксеванис додаде дека ова шоу го имаат организирано девет месеца откако излезе на виделина работата со „Интелекса“ и се разбира немаат најдено ништо. За Ваксеванис тоа не е изненадување. Ретко кој во државниот апарат може да има интерес сериозно да го расветли скандалот со прислушувањето кој уште повеќе се шири.
По првите извештаи за нелегално прислушување на истражувачкиот новинар Танасис Кукакис, како и на шефот на опозициската Пасок од страна на грчката тајна служба, што се случило по налог на кабинетот на премиерот, Ваксеванис и неговиот тим на почетокот на ноември обелоденија и други такви случаи.
Се работи за објавена листа со 33 имиња кои според „Документо” биле следени со помош на нелегалниот софтвер за прислушување. Меѓу нив се водечки членови на владата како грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас или министерот за развој Адонис Георгадис, медиумскиот могул и производител на бродови Евангелос Маринакис и поранешниот конзервативен премиер Андонис Самарас.
„Документо” во меѓувреме ја прошири листата. Погодени се парламентарци, сопственици на звучни медиумски куќи, новинари, бизнисмени и лица во нивното опкружување. Впечатливо е што не се работи само за внатрепартиски или надворешни противници на премиерот Мицотакис, туку и за луѓе од доверба.
За тоа колку лица вкупно се погодени, Ваксеванис изјави дека се работи за стотици лица. Воедно, претпоставува дека владата собирала податоци за нив со кои тие би можеле да бидат предмет на уцена. Затоа и многумина официјално не се изјаснуваат, дури и ако телефонот им е инфициран со софтверот.
Подготвено од А.Ѓ.