15.12.2022 Скопје
Претседателот на Америка, Џо Бајден, на Самитот со африканските лидери во Вашингтон вети дека со големи инвестиции ќе и помогне на Африка.
Ова е прв таков состанок кој е одржан во Вашингтон после цели осум години, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги залади односите со многу африкански лидери со своите политички одлуки и секако со многуте недолични коментари кон нив.
За разлика од поранешниот американски претседател, Бајден зазеде оптимистички став поради заедничката соработка со Африка, и додаде дека на кризите со кои се соочува светот им треба африканско лидерство, идеи и иновации и вети дека ќе продолжи градењето на „виталните” инвестиции во Африка на претходните американски влади.
Бајден истакна дека ќе инвестира 500 милиони американски долари за намалување на транспортните трошоци во клучното западно-африканско пристаниште во Бенин, а додаде и дека ќе се заложи за прием на Африканската унија во постојано членство на групата Г20.
На крајот на самитот Бајден најави дека планира официјална посета на тој континент наредната година.
Подготвено од М.Н.