https://kultura.gov.mk/%d0%bf%d1%80%d0%b0%d0%b8%d0%b7%d0%b2%d0%b5%d0%b4%d0%b1%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d1%82%d1%81%d1%82%d0%b0%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d1%80%d0%be%d1%9a%d0%b0-%d1%9c%d0%b5%d1%80%d0%ba/

26.12.2022 Скопје

На сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје вечер од 19 часот ќе се одржи праизведбата на претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на светски познатата авторка Астрид Линдгрен, а во режија на Јакуб Максимов од Чешка.

Како што информираат од Театарот за деца и младинци, станува збор за текст што досега не е поставуван во форма на театарска претстава за деца во нашата земја.

Според директорката на Театарот, Катарина Илиевска-Силјановска, претставата ќе донесе оригинална свежина во репертоарот. Во самата претстава актерите играат, водат кукли, пеат, свират и колективно создаваат оригинално сценско дело.

Драматизацијата за претставата е на Горјан Милошевски. Во претставата играат: Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска-Силјановска, Петар Стојанов и Мики Анчевски.

Сценографијата за претставата, дизајнот на куклите, маските, костимите и дизајнот на плакатот и на брошурата се авторско дело на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е гостинот од Србија, Лазар Новков.

Првата реприза на претставата наменета за деца над шест години е закажана за 27 декември од 19 часот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author