26.12.2022 Скопје
Повеќе од 50 лица биле хоспитализирани во Ниш и Пирот со симптоми на труење со амонијак, откако товарен воз што го превезувал овој гас излетал од шините кај Пирот.
Од Универзитетската болница Ниш соопштија дека на одделението за реанимација има четворица пациенти, а на токсикологија двајца пациенти, сите пациенти биле со стабилни витални параметри со надразнувачки симптоми и благи хемиски изгореници, и сите пациенти биле српски државјани.
При превртување на вагонот почнало да тече плин, што довело до висока концентрација во атмосферата, соопштија од МВР.
Градоначалникот на Пирот, Владан Васиќ, доцна синоќа прогласи вонредна состојба и главна препорака е луѓето да не излегуваат од своите домови, да не користат клима уреди, да не внесуваат надворешен воздух и да не отвораат прозорци, а поради вонредната состојба денеска во училиштата нема да се одржува настава.
Градоначалникот на Пирот истакна дека цистерна се лизнала во Нишава по што се очекува последици по флората и фауната.
Градскиот штаб за вонредни состојби издаде упатство до граѓаните како да се однесуваат во ситуации на истекување на амонијак и формирање на облак од амонијак, и потенцираа дека водата за пиење од отворени локации и јавни чешми нетреба да се користи со оглед на тоа што облакот од амонијак лесно се раствора во вода, па постои можност на овој начин да се внесе амонијак во организмот.
На местото на настанот се испратени 27 пожарникари со 10 противпожарни возила.
Железничкиот сообраќај од минатата вечер е во прекин, а поради слабата видливост и димна завеса, во прекин беше ставен и патниот сообраќај меѓу Пирот и Бела Паланка на магистралниот и главниот пат, каде поради слабата видливост на тој дел од автопатот се судриле и неколку возила.
Подготвено од М.Н.