18.12.2022 Скопје
Лидерите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија потпишаа договор за поставување електричен кабел под Црното Море што ќе ја пренесува зелената азербејџанска енергија во Европа.
Станува збор за електричен кабел од 1.000 MW долг 1.100 километри од Азербејџан до Романија, како дел од пошироките напори на Европската Унија за диверзификација на изворите на енергија и намалување на зависноста од Русија во контекст на војната во Украина.
Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека мораат подобро да соработуваат и да покажат поголема солидарност за ублажување на заедничките предизвици кои се створени со руската агресија врз Украина.
На состанокот присуствуваше и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, и таа истакна дека стратегијата на Европската унија да им го сврти грбот на руските фосилни горива и да го диверзифицира своето снабдување кон „сигурни енергетски партнери” мора да биде функционална.
Фон дер Лејен оцени дека црноморскиот кабел може да ја трансформира Грузија во центар за електрична енергија и да ја интегрира на европскиот енергетски пазар, а исто така може да придонесе за реконструкција на украинскиот енергетски систем и целата земја, која е разурната од војна.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ е подготвена да обезбеди финансиска поддршка за проектот откако ќе бидат познати резултатите од физибилити студијата.
Подготвено од М.Н.