italijanska policija so pametni ochila

14.12.2022 Скопје

Полицајците во италијанскиот град Арецо ќе бидат опремени со паметни очила кои ќе им овозможат брза проверка и регистрација на документите.

Италијанската компанија „Лабконсуленце“ разви паметни очила со технологија за проширена реалност, наречени „лабгласес“, па сега полицијата од италијанскиот град Арецо во Тоскана ќе има можност да ги тестира.

Полициските службеници, од овој месец, ќе бидат опремени со овие паметни очила како дел од пилот-проект, со цел да се оцени нивната ефикасност во реални ситуации. Паметните очила на полицајците ќе им дадат можност за брзо скенирање на документи или регистарски таблички на автомобилите, така што полицајците ќе добијат информации за луѓе или возила за кои ќе одлучат да направат ваква проверка. На овој начин службениците за неколку секунди ќе можат да проверат дали се валидни личните документи, дали е истечена регистрацијата на возилото, дали возилото е украдено и слично.

Системот е дизајниран да ги забрза полициските проверки и, доколку е потребно, да издава казни. Имено, очилата ќе се поврзат преку блутут со мобилен телефон и мал мобилен принтер, кој може веднаш да отпечати казна по скенирањето на податоците, на пример, за непрописно паркирање.

„Суперочилата“ чинат околу илјада евра, но полицијата ќе ги добие бесплатно. Првата примена на очилата ќе биде во област каде што е забележана поголема стапка на прекршоци и криминал.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author