09.12.2022 Скопје
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска оствари работна посета на општина Берово, истакна дека поедноставните постапки за поставување на фотоволтаични електроцентрали за на кров ги даваат првичните резултати, додавајќи дека се зголемува интересот кај граѓаните кои започнуваат постапки за поставување на фотоволтаични централи на своите кровови.
Министерот Бочварски заедно со градоначалникот Звонко Пекевски остварија средба со граѓани од Берово на кои ги презентираа поедноставените постапки за поставување на фотонапонски централи, согласно измените на Законот за градење и тоа до 6 киловати за физички лица и 40 киловати за правни лица.
Министерот пред присутните потенцираше дека постапката за поставување на овој тип на фотоцентрали на кров се намалува од претходните 30 дена, сега само на 1 ден со тоа што заинтересираните правни или физички лица сега можат да поставуваат без одобрение за градење само со известување.
Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски потенцираше дека во Берово интересот за поставување на фотоелектрично централи е огромен. Тој истакна дека во следниот период ќе им сеизлезе во пресрет на сите граѓани кои се заинтересирани за овие инвестиции.
Министерството за транспорт и врски и во следниот период продолжува со средби со граѓани во другите општини за промоција на поедноставените постапки за поставување на фотоволтаични електроцентрали.
Подготвено од А.Ѓ.