Image by prostooleh on Freepik

25.12.2022 Скопје

За време на новогодишните празници, секој сака да ги израдува најмладите членови на семејството со некој убав и забавен подарок. Но, мора да знаете дека не ви се потребни многу пари за да им ги разубавите празниците на децата.

Хана Меган е млада мајка која на социјалните мрежи споделува совети за домашна едукација на децата и за тоа како да бидеме понежни во родителствувањето.

Во една од нејзините последни објави на платформата Тик-ток, таа сподели неколку идеи за подароци за кои нема да потрошите многу, но со кои ќе ги развеселите вашите деца и ќе поминете квалитетно време со нив.

Подарокот „временски ваучер“ е потполно бесплатен и целосно рачно изработен. Хана објаснува дека „временските ваучери“ делуваат како купони или картички за подарок што вашите деца можат да ги заменат со квалитетно време поминато со своите родители. Воедно, додаде дека тоа може да биде печење торта со мама или излегување на кафе со тато, прошетка во парк или филмска вечер со родителите.

Хана им предлага на родителите да создадат свои украси за детските спални соби.

Креативната мајка има создадено отпечатоци од панди на бесплатната платформа за дигитална уметност „Канва“ и ги испечатила.

Пишувањето писмо е уште еден бесплатен подарок со големо значење, вели Хана, која им препорачува на родителите да седнат и да им напишат писмо на нивните деца.

Писмото би можело да резимира сè што сте направиле заедно со вашите деца во текот на годината и да ја нагласи вашата гордост која ја чувствувате кон нив.

Слично на писмото, Хана предлага да им подарите споменар на вашите деца. Споменарот може да биде составен од фотографии, пораки, влезници од настани и слични нешта кои се спомени на разни случувања.

Наместо да им купувате играчки кои бргу ќе им здосадат, Хана советува да ги зачлените на некоја активност која ги интересира. Можете да ги зачлените во библиотека или да им уплатите годишна претплата за некое едукативно и забавно списание.

Хана препорачува да го поминете својот слободен ден во седмицата со вашите деца и да ги правите оние активности кои им се допаѓаат.

Нејзиниот последен предлог е т.н. „забавна тегла“, во која ќе ставите ливчиња на кои ќе бидат испишани разни забавни активности. Тоа што ќе го изберат вашите деца, по случаен избор, е активност која ќе мора да ја правите.

Хана вели дека активностите можат да бидат најразлични – од составување Лего коцки, до цртање суперхероји.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author