20.12.2022 Скопје
На денешното отворање на симулацијата на НАТО-самит, во организација на Евроатлантскиот совет на Република Северна Македонија, министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека Алијансата значи зацврстена стабилност, втемелена безбедност, сигурност на секоја педа НАТО територија. Воедно, додаде дека НАТО е политичко-воена Алијанса на земји чии лидерства и граѓани имаат исти цели, исти вредности, исти принципи, а сите 30 сојузници здружени и обединети во една Алијанса веруваат во демократијата, слободата, еднаквоста, суштински принципи кои го обликуваат нашето живеење.
Петровска порача дека и во руско-украинскиот конфликт НАТО има умерен и одговорен пристап, како и повисоки цели – мирен и безбеден свет. На Самитот во Мадрид, истакна министерката, беа донесени исклучително важни одлуки, како донесувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО кој е уште една потврда за нашите заеднички вредности.
„Алијансата ниту посакува конфликт, ниту е закана за која било земја. Заеднички укажавме на загрижувачката реалност дека руската агресија врз Украина ги разниша столбовите на безбедноста во Европа. Но, уште поважно, овој документ покажа три суштинско значајни работи: обединетост, сплотеност и одлучност на сојузниците како никогаш досега“, подвлече министерката.
Како еден од чекорите за зацврстување на безбедноста на НАТО, министерката ги спомена новите борбени групи на Алијансата во источниот блок, каде свој придонес има и Армијата на Република Северна Македонија.
„Република Северна Македонија како последна која и се приклучи на НАТО Алијансата покрај борбената група во Латвија и учествува во Бугарија и Романија. Мали сме ама на секој можен начин придонесуваме за нашата безбедност, но и за колективната безбедност, а тоа е цврст аргумент за нашата посветеност кон НАТО“, истакна Петровска.
НАТО симулацијата претставува младински самит на кој се симулира состанок на Северноатлантскиот Совет на ниво на шефови на држави каде се разгледуваат глобалните прашања непосредно по самитот во Мадрид и моменталните предизвици за Алијансата.
Настанот е од високо едукативен карактер затоа што им овозможува на студентите одблиску и подлабоко да се запознаат со прашањата на НАТО, безбедноста и меѓународната политика, овој пат со посебен осврт на глобалната безбедносна слика и местото на партнер земјите од Југоисточна Европа.
Подготвено од А.Ѓ.