https://vlada.mk/node/31416

15.12.2022 Скопје

Договори за финансирање на седум проекти за развој на планските региони во Република Северна Македонија потпишаа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и швајцарската амбасадорка во земјава Вероник Улман, во рамките на проектот “Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2”.

Пенов истакна дека вкупната вредност на проектите за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој е 2.377.277 швајцарски франци за седум плански региони, а Министерството за локална самоуправа самоуправа обезбедува 54% од средствата, а 46% поддржано од Швајцарија. Воедно, додаде дека проектите се одбрани во консултација со граѓаните од секој плански регион.

„Разговараме со амбасадорката да отвориме уште еден грант за планските региони, преку кој ќе се финансираат и проекти за енергетска ефикасност за општините, за да можат побрзо да се прилагодат на потребата за поголемо штедење на електрична енергија и за поефикасно функционирање. Ако има добри проекти секогаш ќе се најдат средства за нивно финансирање, со години ја имаме поддршката и од швајцарската Влада“, рече Пенов.

Швајцарската амбасадорка во земјава, Вероник Улман, на настанот потенцираше дека планските региони во Република Северна Македонија имаат долга листа на потреби, но поставувањето приоритети, креирањето и финансирањето проекти кои имаат опипливи резултати и долгорочен добротвор во животите на луѓето остануваат како потешкотија за планските центри, како и за регионалните совети.

Целта е преку финансирање на конкретни проекти од кои корист ќе имаат повеќе општини во регионот, да се решаваат прашања од регионално значење како што е опремување на регионалната противпожарна служба во Североисточниот плански регион и Изградбата на стационар за кучиња во Вардарскиот плански регион и други проекти.

Планирана е и реконструкција на домот за стари лица во Берово во рамки на Источниот плански регион и реконструкција на центарот за кардиологија во Охрид, како и фотоволтаични системи на јавни објекти во рамки на Југоисточниот плански регион.

Во рамки на проектите ќе се реконструира Центарот за белодробни заболувања во Отешево, а ќе се реконструира и старото училиште во Кучково за Центар за рехабилитација на деца излекувани од карцином, во Скопскиот плански регион.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author