izlozhba cvetanovska

28.12.2022 Скопје

Ликовната уметница Марина Цветановска Мартиновска во Уметничката галерија Куманово на 21 декември ја претстави својата десетта по ред самостојна изложба под наслов „Празни не(д)остатоци“.

VOE: Колку време сте на ликовната сцена и која по ред Ви е последната изложба?

Цветановска Мартиновска: На ликовната сцена сум активна веќе 20 години, односно првото мое самостојно претставување беше во 2002 година во Уметничка галерија Куманово, и сега на 21 декември беше отворена десеттата по ред самостојна изложба насловена „Празни не(д)остатоци“ во Уметничка галерија Куманово. Во меѓувреме моите самостојни изложби беа реализирани, освен во Куманово, и во Скопје, Париз, Берлин, Њујорк и во Истанбул. Исто така, голем број групни изложби како во земјата, така и во странство.

VOE: Која е појдовната точка – инспирација за изложбата „Празни не(д)остатоци“ и што опфаќа?

Цветановска Мартиновска: Последниот мој ликовен израз е всушност реалната состојба во општеството во кое секоја индивидуа ја чувствува заробеноста од било кој аспект, воедно, немоќта да се промени состојбата, а преку индивидуалното дејствување или недејствување го создаваме и сме дел од тој колективен идентитет или заробеност. Новите дела раскажуваат и во себе ги имплементираат прашањата за една лична, но истовремено и сечовечка приказна, како личен и универзален печат на еден простор, на едно историско време (идентитет), еден миг (сеќавање), но и недостаток (духовна болка), инкорпорирани низ метафизичката димензија на празното и празнината. Воедно, изложбата опфаќа 3 полиптични решенија, претставени како три ѕидни инсталации, една светлоснопросторна инсталација, исто така, и еден релјеф, како и едно скулптурално централно претставување во просторот. Вечниот мој предизвик за изразување се: скулптурата, релјефот, инсталацијата. Носечкиот белег во ова претставување е и просторот кој учествува во градењето на клучните соодноси на елементите во делото, светлината, односно сенката која создава ефектни сензации кај просторните инсталации, (не)ритам, во вид на рефлексии-сенки, кои сугерираат волумен, конкретна препознатливост или одредена предметна асоцијативност.

VOE: Кои материјали се користени за реализацијата и на кој ликовен израз припаѓа ова претставување?

Цветановска Мартиновска: Она што е новина и исчекор во најновата ликовна изведба, доаѓа како логичен продукт на еден непрекинат истражувачки процес, кој води до апсолутен минималистички пристап (елиминација и на најнепосредните поврзувања со објективната стварност), како и воведување на нови материјали. Промените пред сé, се гледаат во композициските решенија, односно делата се поставени по концептуален модус на хоризонтално полиптично компонирање, односно организирање на делото во еден непрекинат фриз, или полиптих во форма на квадрат, оставајќи можност за нивно бескрајно продолжување во просторот (Кардиовез, Мрежест идентитет). Употребата на огледална фолија/позадина е во функција на контемплативно акцентирање на визуелната саморефлексија (лична интроспекција на внатрешната празнина), еден вид холограм кој ја сугерира третата димензија. Оттука играта на линијата прикажана со помош на силиконскиот конец со кој се извезени, односно пронижани делата, но и просторот, во еден (кардио)ритам, во просторните и ѕидните инсталации, ја има главната изразна функција. Ритамот означува живот, страст, динамика, бит. Ваквото инкорпорирање на силиконски конец во делата преку постапката на шиење, односно пробивање на материјалот, воедно го рефлектира и женскиот принцип, карактеристичен за нашата национална и територијална припадност. Ритамот кој е присутен е спој на ритамот од нашите етно елементи земени од нашето народно творештво и ритамот од кардиолента, спој на индивидуалното и колективното. Воедно, симулативното шиење или везење на огледалната позадина значи пробивање низ себе, сегашноста и минатото, со појавување на длабокиот ритам од сенката на „невидливото“. „Невидливото“, „непостоечкото“, сугерира на нашето постоење во универзумот.

VOE: Дали сметате дека можете да ја промените состојбата која е и инспирација за создавањето на оваа ликовна приказна?

Цветановска Мартиновска: Oтсекогаш уметноста претходела на општествените промени и паралелно значела и значи револуција за да може да се развива и напредува, егзистира човештвото. Исто така, мојата последна ликовна приказна е инспирирана и воедно е крик или револуција од состојбата наречена модерен живот, каде што во трката за материјален престиж, се повеќе го губиме својот идентитет, духовноста, невидливата наша енергија која не прави секој за себе различен и свој, забораваме тоа што сме, ја кинеме основната нитка на нашето постоење, нашата традиција и култура, прифаќајќи ја наметнатата унифицираност на глобализацијата. Така да, ова е само мој крик на едно време во кое што живеам, а со тоа сметам дека овој визуелен крик допре до публиката, а со тоа остави и прашалници кај секого од нив за тоа што е и целта на уметноста, во овој случај на „Празни не(д)остатоци“.

VOE: Зошто ваков двосмислен наслов?

Цветановска Мартиновска: Секогаш се трудам насловот да биде загадочен, да остава прашалници и воедно да предизвика љубопитност во публиката за ликовната содржина. Исто така, насловот произлегува од самата содржина и може да се толкува како недостатоци или остатоци, а воедно и неостатоци – значи нови остатоци од современието, а „празни“ произлегува од празнината на личната неисполнетост во трката да се биде дел од современата глобализација, губејќи се себеси.

VOE: Дали сте задоволни од реализираното и какви се плановите за наредната година?

Цветановска Мартиновска: Пред самиот крај на годината што заминува, можам да кажам дека сум задоволна од реализираните три проекти оваа година, истите поддржани и се дел од годишната програма на Министерството за култура на Република Северна Македонија. Едниот проект беше самостојна изложба, односно ликовно-музички проект со пијанистката Билјана Петровска во Македонскиот културен центар во Истанбул, потоа следеше заедничко ликовно претставување на проектот „О(т)кружено“ во Уметничка галерија Куманово со колегите Александар Симоновиќ и Мирослава Цветковиќ и последното мое самостојно претставување со овој проект. Задоволна сум и исполнета и како личност и како ликовен автор, а воедно имам планови за наредната година, зависно од тоа кои проекти ќе поминат во годишната програма, а процесот на создавањето е непрекинлив процес и потреба.

Ликовната уметница Марина Цветановска Мартиновска, преку најновата ликовна поставка, успешно одговори на постулатите на современиот ликовен тренд нудејќи, но и барајќи одговори за сложени филозофски поими и догми. Љубопитноста, во која насока ќе се движат идните истражувања, останува отворена, до следните ликовни реализации на авторката.

Марина Цветановска-Мартиновска е родена на 18 март 1977 година во Куманово, Република Македонија. Дипломирала 2000 година на педагошки оддел, насока вајарство со сценографија во класата на проф. Станко Павлески на ФЛУ, Скопје. Во 2005 година завршува постдипломски студии по вајарство на ФЛУ под менторство на проф. Станко Павлески. Член на ДЛУМ од 2000 година. Вработена како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци“ Куманово од 2001 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author