osmani otvaranje turcija

23.12.2022 Скопје

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес го отвори Почесниот конзулат на Република Северна Македонија со седиште во Едрене. За почесен конзул е именуван Есер Џевахир и ќе ги покрие регионите Киркларели и Текирдаг.

„Задоволство ми е да во овој прекрасен град го отворам првиот почесен конзулат на Република Северна Македонија во регионов, кој сигурен сум дека ќе биде дополнителен поттик за понатамошно зацврстување на традиционално блиските и пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција”, истакна Османи во своето обраќање пред присутните гости.

Отворањето се случува на 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, а потенцијалите за продлабочување на економска соработка, културната, туризмот, енергетиката , градежништво и инфраструктура се огромни.

„Но, не застануваме тука, туку целиме таквата соработка да ја прошириме и во конкретни проекти за што убеден сум, дека во голема мера ќе придонесе и нашиот почесен конзул Џевахир”, рече Османи.

Во рамките на престојот во Турција, Османи оствари средба со гувернерот на Едирне Хусејин Куршат Кирбијик, со кој дискутираа за севкупната размена меѓу двете држави, со посебен осврт на соработката со регионот на Едирне, кој е важен индустриски и туристички центар на Турција.

Османи имаше средба и со голем број студенти од Република Северна Македонија кои студираат на Универзитетот Тракија во Едирне. Во неформална атмосфера, се разговараше за актуелните надворешно-политички случувања на Република Северна Македонија, вклучително активностите околу претстојното претседавање со ОБСЕ, со А5 и ПСИЈЕ, како и предизвиците со кои се соочува регионот и пошироко светот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author