https://vlada.mk/node/31481

20.12.2022 Скопје

Учениците од подрачното основно училиште „Луиѓ Гуракуќи“ во с. Долна Лешница, општина Желино, од денеска посетуваат настава во нов, модерен училишен објект кој беше дел од инвестицискиот план на Министерството за образование и наука, за што се одвоија околу 4,5 милиони денари.

„Со оваа инвестиција, уште еднаш докажавме дека МОН се грижи за сите ученици во земјава, без оглед дали станува збор за урбана или рурална средина. Сите ученици и наставници заслужуваат современ и модерен образовен процес, кој подразбира не само подобрување на наставните планови и програми, туку и подобрување на условите во кои се изведува наставата. Инвестициите во образованието продолжуваат и во годината која ни претстои. За таа цел согласно предложениот буџет на МОН, во делот на капитални инвестиции се предвидени околу 1,2 милијарди денари“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Согласно предложениот буџет за 2023 година, предвидени се изградби на нови објекти за Универзитетот „Мајка Тереза“, СОУ „Сами Фрашери“ во Куманово, како и завршување на веќе започнатите објекти на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. Предвидени се средства за реконструкции и реновирање на сите студентски домови во земјава и санирање на постоечките објекти на 118 основни и средни училишта.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author