01.12.2022 Скопје
Денеска официјално ќе биде отворено ФабЛаб Скопје во просториите на Машински Факултет – Скопје и се очекува да има голем ефект врз младата популација како место каде ќе можат да ја изразат својата креативност, да бидат иновативни и да започнат да размислуваат претприемачки.
ФабЛаб-от се формира како платформа со која технологиите на производство ќе се доближат и до учениците од средните училишта, не само студентите од техничките факултети.
Од Машински Факултет – Скопје информираат дека со тоа младите во соработка со стручни технички лица ќе може своите идеи да ги претворат во реален дизајн, односно прототип. Воедно, потенцираат дека освен можност за работа со нови машини и уреди, младите ќе имаат пристап до најважното, знаењето, кое во ФабЛаб Скопје ќе може да го добијат преку тематски обуки, тимски работилници и лични средби. Исто така, корисниците на ФабЛаб Скопје ќе имаат можност да ја испланираат својата идна техничка кариера, да ги надополнат своите моментални капацитети и да станат поатрактивни како работна сила на пазарот на трудот.
Подготвено од А.Ѓ.