04.12.2022 Скопје
Дали крајот на годината, што е претставен како „најубавиот период” оваа година во земјава ќе блесне во целосен сјај со оглед на енергетската криза? Новогодишното украсување на градовите е најсилниот адут за поттикнување на празничната магија. Секоја година огромен број туристи ги посетуваат местата кои се накитени со секаков вид на новогодишни украси, од кои најголем дел се изработени од светилки. Од Париз до Лондон веќе светнаа новогодишните светилки, но годинава со рестрикции во времетраењето, како и со избор на енергетски ефикасни светилки.
Две зими владееше пандемија со корона вирус и во тој период граѓаните едвај ги одбележаа празниците, потоа започна руската инвазија во Украина, што предизвика енергетска криза, проследена со инфлација, што доведува до фактот дека веројатно трета зима по ред нема да ја почувствуваме празничната еуфорија, како во времето пред сите овие случувања.
Веќе е декември, а од Град Скопје се уште нема информации за новогодишното украсување.
Од друга страна, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков пред неколку дена изјава дека тој македонски туристички град ќе биде накитен и оти ќе се одржи новогодишна прослава без оглед на енергетската криза.
Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, во однос на тоа како да се заштеди електрична енергија, а сепак градовите да бидат накитени, рече дека општините треба да употребат ЛЕД светилки или лед модули. Воедно, додаде дека општините кои би се одлучиле за новогодишно осветлување, како дополнителна мерка за заштеда на електрична енергија, која можат да ја применат, е да го редуцираат времето на употреба на шест часа дневно.
Психологот Огнен Велевски во однос на тоа како влијае китењето на градот врз расположението на луѓето, рече дека секако влијанието е позитивно, но оти во вакво време народот генерално би бил посреќен доколку средствата, кои би се одвоиле за китење, би се донирале на оние на кои им се најпотребни. Воедно, оцени дека секој граѓанин би бил многу посреќен доколку парите за китење на градот се донираат онаму каде што е најпотребно.
Велевски, осврнувајќи се на влијанието од новогодишното декорирање врз расположението на луѓето, истакна дека со тоа луѓето добиваат чувство дека некој се грижи за нив.
Подготвено од А.Ѓ.