Image by Yaroslav Danylchenko on Freepik

23.12.2022 Скопје

Во последниот период, цената на обработливото земјиште во Романија се зголеми, надминувајќи ги земјите како Бугарија, Унгарија, па дури и Франција.

Според податоците објавени од Евростат, просечната цена на хектар, 10.000 квадратни метри, обработливо земјиште во Европската унија во 2021 година варираше помеѓу 3.661 евра во Хрватска и 71.225 евра во Холандија. Разликата во цените е веројатно позначајна, бидејќи студијата нема податоци за 2021 година за сите земји-членки.

Во Романија цената беше 7.601 евро, од 7.163 евра една година порано. Цените беа пониски во Бугарија – 6.096 евра, Франција – 5.940 евра и Унгарија – 5.187 евра. Други земји-членки каде просечната цена на хектар обработливо земјиште е помала отколку во Романија се Литванија, Естонија, Летонија, Словачка и Хрватска.

Највисока просечна цена за хектар обработливо земјиште е забележана во регионот на Канарските острови во Шпанија – 120.477 евра, додека најниска е во регионот Овре Норланд во Шведска – 1.882 евра.

Во Романија, најскапите парцели обработливо земјиште беа во областа Букурешт-Илфов, 10.707 евра по хектар, а најевтини во северозападниот регион – 6.206 евра.

Евростат истакнува дека во повеќето региони на Европската унија, обработливото земјиште е поскапо од пасиштата неопходни за исхрана на добитокот.

Цената на обработливото земјиште зависи од неколку фактори, како што се националното законодавство, климата, близината на транспортните мрежи, квалитетот на почвата, системите за наводнување и пазарните сили поврзани со понудата и побарувачката.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author