15.12.2022 Скопје
Словенечката полиција соопшти дека Словенија и Италија ќе продолжат со заедничките гранични патроли на нивната заедничка граница и ќе вршат проверки на автобуси, возови и автомобили кои патуваат од Словенија за Италија за да одговорат на скокот на илегалните миграциски текови.
Од полицијата додаваат дека заедничките гранични патроли ќе се вршат на подрачјата и во моменти каде најчесто се илегални преминувањата на државните граници.
Во моментов, патролните тимови се состојат од еден италијански и двајца словенечки полицајци, а се спроведуваат на словенечката страна на границата.
Одлуката доаѓа откако Италија објави дека ќе го засили надзорот на граничната област Фриули Венеција Џулија поради порастот на илегалните гранични премини од Словенија кон Италија.
Податоците од италијанската полиција, пренесени од австриската агенција АПА, покажуваат дека илегалните преминувања на границата се зголемени за 57 отсто на годишно ниво.
Заедничките гранични контроли се спроведуваат како дел од договорот за прекугранична соработка и неговиот протокол за спроведување.
Подготвено од А.Ѓ.