05.12.2022 Скопје
Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска. Дамева беше избрана со 10 гласа „ЗА“ и со еден „ПРОТИВ“ кој го доби од колешката Лорета Георгиева.
Во соопштението што го испрати до медиумите Црвенковска по нејзината оставка, таа се пожали дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската бизнис-елита“.
По Црвенковска, изборот на Дамева е вториот кој се избира согласно новиот Закон за судски совет кој стапи во сила во мај 2020 година, а според кој првиот човек на Судскиот совет се избира од редовите на членовите кои се избрани од Собранието. Такви се пет од вкупно 15 члена: тројца од нив ги избира директно Собранието, а другите двајца, исто така, се избираат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата. Осум членови, пак, се избираат на избори од редот на судиите. Преостанатите двајца члена на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.
Подготвено од А.Ѓ.