13.12.2022 Скопје
Денеска, Парламентот на Нов Зеланд усвои единствен закон за постепено укинување на пушењето цигари, со воведување забрана за младите да ги купуваат.
Според законот, цигарите не смеат да се продаваат на луѓе родени на или по 1 јануари 2009 година. Со новиот закон се намалува и бројот на продавници за тутун, од околу 6.000 на само 600, а се намалува и дозволената количина на никотин во тутунот што се пуши.
Помошник-министерката за здравство Ајеша Верал пред пратениците во парламентот изјави дека нема добра причина да се дозволи да се продава производ што убива половина од луѓето што го користат. Воедно, додаде дека здравствениот систем ќе заштеди милијарди долари со тоа што нема да лекува болести поврзани со пушењето како што се ракот, срцевите удари, мозочните удари и ампутациите и дека законот ќе доведе до промена на генерациите и ќе остави во наследство подобро здравје за младите.
Нов Зеланд веќе ја ограничува продажбата на цигари на лица над 18 години, бара на кутиите цигари да има графички здравствени предупредувања и да се продаваат во стандардизирани пакувања. Во последните години Нов Зеланд воведе серија големи даночни зголемувања на цигарите.
Подготвено од А.Ѓ.