01.12.2022 Скопје
Со измените на Законот за труд во второ читање во Хрватска предвидено е работодавецот/шефот да не смее да му ѕвони на мобилен телефон на работникот, ниту да му испраќа СМС порака и меил после работното време, во неработни денови и за време на одмор. Воедно, работењето во недела ќе се плаќа 50 отсто повеќе.
Работникот има право да биде недостапен после работното време или додека е на годишен одмор. Според извори во хрватската Влада, ниту колеги од работа нема да можат да звонат на телефон на други колеги после работно време освен во случај на итна потреба.
Помошник-министерот за труд на Хрватска, Дражен Опалиќ, истакна дека итна потреба може да биде ако сте некој водоинсталатер, па пукне некаква цевка или ако некоја итна работа мора да се сработи за вие да дојдете на работа, тогаш се разбира работникот има право на платена прекувремена работа. Воедно, додаде дека новинарите исто мораат ако нешто се случи да интервенираат, бидејќи тоа е со цел информирање на јавноста, со што тоа ќе се гледа од случај до случај.
Подготвено од А.Ѓ.