Image by vwalakte on Freepik

05.12.2022 Скопје

Истражувањето на угледниот британски неделник „Економист“ покажува дека Њујорк и Сингапур се прогласени за најскапи градови за живеење. Со ова истражување се опфатени 172 градови ширум светот.

Во минатата 2021 година, Тел Авив беше рангиран како најскап град, а сега е на третото место.

Според експертите, причина за драстичниот скок на цените на глобално ниво се руската агресија врз Украина и војната што се води во таа земја, незалечените последици од корона пандемијата, како и сегашните крајно ригорозни анти-ковид мерки што ги спроведува Кина.

Цените на глобално ниво се повисоки за 8,1 отсто, што претставува највисок скок во последните 20 години.

Животот е значително поскапен во Русија, а посебно во двата најголеми градови Москва и Санјт Петербург , во просек за над 80 отсто, какко последица на санкциите на ЕУ, САД и Британија. Но, тешко се погодени и западните градови – и тиа поради војната што Русија ја води против Украина. Пред се, со растот на цените на гасот и на струјата, што во просек се зголемени за за 30 отсто. На глобално ниво, поскапувањето изнесува 11 отсто.

Најголема инфлација има во Венецуела, а тоа предизвикува главниот град Каракас да има регистрирано скок на сите цени , во просек, од 132 отсто. Сето тоа во услови на долготрајна хипер-инфлација со која живее оваа јужноамериканска земја, инаку, производител и извозник на нафта.

Најевтини градови за живеење се Дамаск во Сирија, како и Триполи во Либија. При правењето на листата на градовите според условите за живот, се користени цените на 200 основни производи и услуги, во период од еден месец- меѓу 16 август и 16 септември.

Анкетата открива дека Њујорк е првпат прв на листата, додека Сингапур е по осми пат на првото место по скапотијата во изминатите десет години.

Дури 23 американски градови се на листата од 172 градови кои се анализирании, најмногу поради скапиот долар во однос на еврото и британската фунта, како и на јапонскиот јен.

Поевтинувањето на европските валути предизвика градовите во ЕУ/Европа годинава да се пониско рангирани од обично.

Лондон, Париз и Женева ги нема при врвот, додека Токио и Осака, на пример, овојпат се рангирани како 37 и 43 во светската листа. За споредба, во минатата година биле на 13-то и на десето место.

Најголем пад имаат забележано Стокхолм и Луксембург- сега се наоѓаат дури на 99-то и на 104 место.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author