14.12.2022 Скопје
Во денешно време не мора посебно да нагласуваме дека живееме во време на зголемен стрес, светот каков што го знаеме доживеа драстична промена, и веќе е преполн со стресни ситуации а на тоа за жал не се имуни ниту децата.
Како возрасните така и децата може да бидат погодени од стресни ситуации во своето секојдневие и секој родител треба да биде вклучен во препознавање на симптомите за да може да се реагира на време и да се отстранат несаканите ефекти.
Бидејќи децата немаат емоционална интелигенција или вокабулар за да се изразат, емоционалните знаци или бихејвиоралните знаци на однесување можат многу добро да покажат дека се наоѓаат во стресен период и дека им е потребна помош.
Во едно истражување спроведено од група експерти се објаснува како стресот кај децата може да се манифестира преку промени во нивното типично однесување.
Секоја возраст има различни симптоми, но некои од највообичаените знаци се нерасположение или раздразливост, повлекување од активности во кои детето некогаш уживало, загриженост, жалење на градинка или училиште, плачење, покажување страв во ситуации од кои детето претходно не се плашело.
Кај деца кои се на возраст од три до седум години најголем показател дека поминуваат преку фаза на некој стрес е мокрењето во текот на спиење или пак може да има проблеми со обрнувањето внимание на работите околу себе, да има напади на бес или да покажува вознемиреност од разделување.
Кај децата од седум до десет години стресот се манифестира во облик на гнев или голема раздразливост, а исто така и промената на расположението, односно однесувањето дома му е сосема различен од однесувањето на училиште.
Стресот на децата кои се поголеми од десет години или веќе по познато како тинејџери е една од најранливите групи на деца кои веќе покажуваат бунтовност и поради пубертетот а секако и поради одреден стрес од непознати работи со кои се соочуваат.Децата од оваа возрасна група исто така имаат помала веројатност да зборуваат за своите грижи и стравови, но експертите предупредуваат дека тоа не значи дека ги немаат.
Подготвено од М.Н.