citrusno ovoshje

15.12.2022 Скопје

Според податоците на Светската организација за цитрус (СЦО), производството на ова овошје на северната хемисфера ќе се намали за 13 отсто во сезоната 2022/23.

На Глобалниот конгрес на производители на цитрусно овошје беше претставена прелиминарната прогноза која се заснова на податоци од Египет, Грција, Израел, Италија, Мароко, Шпанија, Тунис, Турција и САД.

Генералниот секретар на Светската организација за цитрус, Филип Бинар, истакна дека жетвата се предвидува да падне на 25.958.275 тони, што е значително намалување во однос на претходната сезона. Годинашното производство е едно од најлошите во последните неколку сезони, главно поради климатските проблеми во водечките земји извозници.

Претставниците на Светската организација за цитрус изјавија дека ова се уште е едно од водечките овошја на светскиот пазар. Вкупното намалување на производството на портокали е за 11,7 отсто, на грејпфрут за 16,8 отсто, додека, на пример, на лимонот се очекува пад од 15,7 отсто.

Во Европската унија се предвидува нешто поголемо намалување на производството, за околу 15 отсто, односно 20,9 отсто во Шпанија и Италија, додека СЦО проценува зголемување на производството за Грција од 10,83 отсто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author