reformi penzija

14.12.2022 Скопје

Според документите на Европската комисија, девет земји на ЕУ не се обврзани експлицитно на пензиските реформи во нивните планови за закрепнување и отпорност и покрај препораките на Комисијата за ова прашање од Европскиот семестар 2019 година.

Во 2019 година, за време на Европскиот семестар, 17 земји на ЕУ добија препораки за „долгорочна одржливост на јавните финансии“, а 15 беа повикани конкретно да ги реформираат своите пензиски системи. Од некои од нив повторно беше побарано да продолжат со реформите на пензискиот систем со планот на ЕУ за следната генерација и повторно во 2022 година.

Комисијата смета дека само шест од 15-те земји „експлицитно“ планирале да ги реформираат своите соодветни пензиски системи, а другите девет доцнат, или подобро кажано, официјално не се обврзале. Тоа се Чешка, Германија, Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Малта, Холандија и Полска.

Според Комисијата, за тие земји-членки, реформите „ќе ја подобрат фискалната одржливост“, додека тие се „идентификувани како ризици за одржливоста на јавните финансии поради стареењето на населението“. Воедно, Комисијата смета дека „тие треба да ги следат конкретните препораки и обврските преземени во нивните планови за закрепнување и отпорност“ за „да го ограничат буџетското влијание на стареењето на населението“.

Германија, иако презеде чекори за постепено зголемување на законската старосна граница за пензионирање на 67 години до 2031 година, треба да направи „понатамошни прилагодувања“ за да го зачува системот на долг рок, според Комисијата. Земјата моментално дебатира за мерките за зголемување на износите на пензиите и стабилноста на таа сума со текот на времето, при што канцеларот Олаф Шолц отфрли какви било мерки поврзани со возраста за време на изборната кампања.

Франција не ги формализираше своите планови за пензиските реформи во буџетските документи испратени до Комисијата, но институцијата ја забележува подготвеноста на француската влада да спроведе „амбициозна реформа“, која треба особено да ја зголеми законската старосна граница за пензионирање од 62 на 64 или 65 години. Но, препораките на Комисијата за Франција главно се фокусираа на потребата за „прогресивно стандардизирање на правилата на различните пензиски шеми за зајакнување на правичноста на системот истовремено поддржувајќи ја неговата одржливост“, нешто што владата, исто така, би сакала да го реформира.

Овие посебни шеми се многубројни и овозможуваат порано пензионирање или поповолна пресметка на износот на пензијата. Сепак, судбината на реформата зависи од консензусот што би можел да се појави во парламентот, каде коалицијата на претседателот Емануел Макрон нема апсолутно мнозинство и има потреба од гласови од десницата за усвојување на текстот.

Во Чешката Република постои политичка волја за реформирање на системот за пензионирање во 2023 или 2024 година и зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 63 години, во согласност со препораките на Комисијата, иако тоа сè уште не е официјализирано.

Италија, од своја страна, има „прекумерна фискална и макроекономска нерамнотежа“, но Европскиот семестар не предлага дополнителни пензиски реформи, фокусирајќи се главно на фискалните препораки, кои би можеле да имаат подобар ефект. Навистина, реформата „Форнеро“, изменета во 2019 година, веќе воспостави возраст за пензионирање од 67 години. Некои мерки кои имаат за цел воспоставување механизми за предвремено пензионирање, спроведени под владата на Конте по налог на Матео Салвини, се претпоставува дека се привремени.

Во моментов, владата на Мелони работи на тоа да добие старосна граница за пензионирање од 62 или 63 години, или да им гарантира пензија на оние кои придонеле 41 година, без разлика на нивната возраст.

Иако, Извештајот на ОЕЦД „Перспектива за пензиите 2022“ нагласува дека генерално пензиските системи во Италија се очекува да се подобрат и дека сегашната економска и финансиска несигурност што ја доживуваме и зголемените трошоци на живот може да ги наведат креаторите на политики и регулаторите да ги одложат реформите.

Според Комисијата, предвременото пензионирање е загрижувачко и во Луксембург и Малта. Исто така, Комисијата смета дека реформирање на повластените пензиски шеми е потребно и во Полска.

Во Полска постојат посебни шеми за пензионирање во зависност од професијата. Полицајците, новинарите и судиите, на пример, можат да бараат предвремено пензионирање по 25 години придонеси, во споредба со просечните 33,6 години за општата популација.

За другите земји, ЕУ не даде конкретни препораки за пензискиот систем, особено затоа што тие веќе имаат старосна граница за пензионирање од околу 65 години, или имаат за цел да ја достигнат во следните години. Така ќе биде во Финска и Бугарија до 2027 година, но и во Австрија, додека во Шведска просечната возраст за пензионирање е веќе меѓу 64 и 65 години.

Еден од единствените исклучоци е Словенија, каде старосната граница за пензионирање е 61 година и шест месеци за жени и 62 години и осум месеци за мажи, бидејќи земјата во оваа фаза не планира да спроведе никакви реформи поврзани со возраста, ниту опфатен со конкретни препораки кои веќе беа опфатени во 2019 година.

Комисијата истакна дека сè уште е потребна пензиска реформа во ЕУ, особено со оглед на „брзо растечките трошоци за стареење“, но и „други итни предизвици“, објаснувајќи дека „буџетските маржи често се недоволни за да ги апсорбираат на одржлив начин“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author