22.12.2022 Скопје
Министрите за надворешни работи на Австрија и Словенија, Александар Шаленберг и Тања Фајон, во Подгорица повикаа на итен избор судии на Уставниот суд, порачувајќи дека ЕУ сериозно ќе преиспита дали ќе соработува со Владата што би се формирала на основата на сегашниот „сомнителен закон за претседател“.
Шаленберг и Фајон се посредници по налог на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, при што нивните согледувања од Црна Гора ќе ги пренесат во Брисел.
Делегацијата на ЕУ во Подгорица соопшти дека министрите се сретнале со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ и со техничкиот премиер, Дритан Абазовиќ.
Фајон оцени дека ситуацијата во Црна Гора е загрижувачка и предупреди дека Црна Гора ризикува да ги прекине пристапните преговори со ЕУ, бидејќи законот за претседател на Црна Гора е под знак прашалник, особено затоа што нема Уставен суд да ја оцени неговата легитимност, и додаде дека се надева дека до крајот на јануари ќе бидат избрани судиите на Уставниот суд.
Шаленберг истакна дека долго време Црна Гора била најнапредната земја на патот кон ЕУ, но сега работите се многу поинакви, и додаде дека тие не се во приватна или билатерална посета, туку како пријатели кои се загрижени за ситуацијата во таа земја.
Подготвено од М.Н.