28.12.2022 Скопје
Гардијан пренесува дека високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОН) објави дека во руската војна против Украина досега загинале 6.884 цивили, вклучувајќи и 429 деца во периодот од почетокот на руската агресија на 24 февруари до 26 декември 2022 година.
Од Обединетите нации додаваат дека бројката на загинати цивили во Украина е „значително поголема“ од овие бројки, бидејќи приемот на информации за убиените лица е отежнат од локациите каде што се водат интензивни непријателски дејства, но и многу извештаи за загинати цивили чекаат на официјална потврда.
Укринформ јавува дека само во изминатово деноноќие во Украина биле повредени осум цивили како резултат на руските воени дејствија врз населени места. Најжестоки борбени дејствија се водат на фронтот во Донецкиот и Луханскиот регион, а најинтензивни ракетни напади имало врз Херсонскиот регион, при што градот Херсон бил ракетиран во 50 наврати изминативе 24 часа.
Паралелно со директната воена агресија во Украина, Русија се одлучи да ја продлабочи и светската енергетска криза преку најновата одлука на претседателот Владимир Путин да ја запре продажбата на сурова нафта на земјите кои учествуваат во ограничувањето на цената на руската нафта, на која е поставен „капак“ од 60 американски долари. Указот на Путин влегува на сила 1 февруари 2023 година и ќе трае до 1 јули 2023 година.
Русија е вториот најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија и секое нарушување на продажбата на нејзината нафта би имало далекусежни последици за глобалното снабдување со енергија. Ограничувањето на цената на руската нафта од меѓународната заедница е невиден потег, дури и во времето на Студената војна меѓу Западот и Советскиот Сојуз. ЕУ и земјите од Г-7 го воведоа ограничувањето на цената на руската нафта за да ги намали приходите на официјална Москва за воената агресија врз Украина.
Подготвено од А.Ѓ.