29.12.2022 Скопје
Вчера, Младинскиот културен центар во Скопје го прослави својот 50. роденден со целодневна програма, која опфати музички, филмски, театарски, литературни, ликовни, креативни и едукативни содржини.
Младинскиот информативен центар информира дека програмата имаше за цел да го исполни секое ќоше на оваа установа.
Се одржаа предавања за најмладите во Планетариумот, работилници за танц, новогодишна работилница, „Арт и крафт“ работилница со уметниците Драган Драш Китановски и Марјан Димиќ, настап на инклузивниот хор „Ветерница“ и здружението „Трисомија 21“ и претставата „ЏИНче” на театарот „Сенки и облаци“.
Во киното „Фросина“ се одржаа филмски проекции од фестивалите кои традиционално се одржуваат во МКЦ: „Џифони“, Фестивал на планински филм „ЕХО“, Скопски филмски фестивал, „МакеДокс“, „Киненова“, Филозофски филмски фестивал и Фестивал на анимиран филм „Флипбук“.
Уметникот Мирослав Масин го претстави перформансот „Птици“, специјално изработен за јубилејот, а настапија двата ансамбла на МКЦ – Градски дувачки оркестар и Женски младински хор, кој, исто така, одбележува половина век постоење. Меѓу другото, во „Денсинг-салата“ имаше музички концерти, а во „Џебното кино“ се одржаа проекции на театарски претстави.
Подготвено од А.Ѓ.