12.12.2022 Скопје
По повод Меѓународниот ден на планините, во Тирана се одржа меѓуресорска средба меѓу министерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Насер Нуредини, министерката за животна средина и туризам Мирела Кумбаро и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу.
Националниот Парк „Маврово“ и Националниот Парк „Шар Планина“ во Република Северна Македонија, Паркот на природата „Кораб-Коритник“ во Албанија и Националниот Парк „Шари“ на Косово наскоро ќе бидат дел од прекуграничен парк, најголем од ваков вид во Европа, со површина над 242 илјади хектари.
Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Насер Нуредини, зборуваше за визија во која заштитата на природните вредности на заштитените подрачја од друга страна обезбедува одржливо управување со тоа што не ги претвора во музеи на природата, туку создава нови можности за социо-економски развој на локалните заедници.
Министерот Нуредини изјави дека природното прекугранично поврзување на заштитените подрачја, Национален Парк „Маврово“ и Национален Парк „Шар Планина“ во Република Северна Македонија, Паркот на природата „Кораб-Коритник“ во Албанија и Националниот Парк „Шари“ на Косово, отвара нови можности за поголема заштита на флората и фауната, подобро справување со илегални дејствија, подобро мониторирање, поголеми можности за развој на еко-туризмот и алтернативните форми на туризам, размена на добри практики и искуства, заштита и промоција на културното и природното наследство, како и поголема атрактивност и зголемен интерес на меѓународните донатори и инвеститори.
Министерката Кумбаро, пак, истакна дека заштитените подрачја ги гледаат како обезбедување бенефиции надвор од нивните граници на географската карта, надвор од границите на националните држави – меѓу заедниците и генерациите што живеат во овие подрачја, и токму овие зони служат како еколошки коридор, во кој се сместени голем број значајни видови растенија и животни, не само на регионално ниво, туку и на европско и меѓународно ниво, како што е европскиот зелен појас. Во однос на туризмот, министерката Кумбаро истакна дека овие заштитени подрачја ги гледаат како многу добра можност за развој на екотуризмот во сите негови облици.
Според министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, овој проект ќе овозможи нова перспектива за развој на планинскиот предел Шари.
Министерот Алиу истакна дека сакаат да овозможат придобивки за разни компании кои сакаат да навлезат и градат на тој простор, а нивна должност е да воспостават правила имајќи го предвид минатото за да го развијат и користат, но и за да го заштитат она што е многу вредно. Воедно, потенцираше дека во 2013 година ја имаат зголемено територијата на Националниот парк „Шари“ на 53.469 хектари.
Овој проект меѓу трите земји има за цел заеднички прекуграничен развој на природен туризам, заедничко прекугранично управување со регионот, заедничка промоција на посебно природно и културно наследство преку границите итн.
Даниел Пируши, директор на Националната агенција за заштитени подрачја, објасни дека во рок од три месеци ќе се формира управен одбор со заштитеното подрачје и ќе започне со работа на овој проект.
Подготвено од А.Ѓ.