23.12.2022 Скопје
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис престојува во посета на јужниот дел на Албанија, поточно во градовите Химара, Финиќ и Дропул, населени со припадници на грчкото малцинство.
Мицотакис изјави дека безусловно ќе ја поддржи интеграцијата на Албанија во Европската унија, и вети решавање на прашањето на пензиите на албанските државјани во Грција, а ја пренесе големата поддршка за припадниците на грчкото малцинство. Грчкиот премиер најави и дека грчката Влада набрзо ќе изгради грчко средно училиште во Химара.
Втора дестинација беше Дропул, каде беше и неговиот албански колега Еди Рама, кој најави дека плоштадот во ова гратче ќе го носи името на поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис, таткото на Кирјакос Мицотакис, кој ја посетил Албанија пред 30 години.
Сакам да кажам дека за нас малцинството е незаменлив мост на нераскинливата врска меѓу нашите две земји и со голема благодарност сакам да ги поздравам сите граѓани, како тебе, со грчка националност, кои дадоа многу за заедницата, земјата и благодарение на слободата и отворањето на границите по долг период, тие можат слободно да се движат меѓу оваа и онаа страна на границата, изјави Рама.
Грчкиот премиер го посети и градот Финиќ, кој, од 61 општина, колку што има во земјата, е единствен каде градоначалник е Грк од партијата МЕГА.
Подготвено од М.Н.