09.12.2022 Скопје
Државната комисија за спречување на корупцијата, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември, денеска на брифинг за новинари ќе информира за актуелните процеси поврзани со унапредувањето на работата на ДКСК кон остварувањето на поставените стратешки цели, како и за актуелните прашања и случаи од надлежност на комисијата за кои има јавен интерес.
Вицепремиерката за политики за добро управување, во соработка со вицепремиерот за европски прашања и евроамбасадорот Дејвид Гир, организира состанок со институциите со надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија. На затворена сесија на состанокот ќе се дефинираат целите врз основа на Извештајот на ЕК 2022 година и динамиката на спроведување на препораките за институциите вклучени во борбата против корупцијата.
Вицепремиерката Грковска, завчера на панел на тема „Кревки демократии” што се одржа во Рим, порача дека политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава.
Американската амбасадорка во државава Анџела Агелер на Твитер објави дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во земјава за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери, и да ги разгледа сите можни одговори.
Заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, пак, пред неколку дена изјави дека санкциите на САД за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и оти Вашингтон ќе продолжи со санкционирање корумпирани функционери од регионот.
Подготвено од А.Ѓ.