23.12.2022 Скопје
„Макпетрол” беше известен за преговорите на државата со „Булгартрансгас“. Ме зачудува фактот што вчера одржале состаноци со надлежните институции и ги разговарале сите услови кои се предвидени за договорот меѓу „ГА-МА” АД и „Булгартрансгас”, немале никакви забелешки, односно тие што ги имале, ги посочиле, а денеска наеднаш излегуваат со соопштение дека нема да увезуваат, изјави министерот за економија Крешник Бектеши, откако „Макпетрол“ соопшти дека од Нова година повеќе нема да увезува и да испорачува гас под новите услови наметнати од потпишаниот договор за интерконекција меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Бектеши истакна дека станува збор за неодговорно однесување од страна на компанијата, како и дека чекорите на државата се во насока на избегнување на ситуација на целосна зависност од Руската федерација.
За министерот Бектеши загрижувачки е тоа што „Макпетрол” како компанија не покажала општествена одговорност и информира дека во таа насока било разговарано за носење закон кој ќе го регулира однесувањето на стратешките компании во време на криза.
Министерот Бектеши информираше дека најверојатно ќе бидат најдени други опции, бидејќи има простор до 1 јануари, а во однос на заинтересираните компании кои во иднина би го вршеле снабдувањето на пазарот, Бектеши истакна дека има понуди до ЕСМ, но не откри од каде доаѓаат.
Подготвено од М.Н.