alarm stanuvanje

16.12.2022 Скопје

Резултатите од американско истражување спроведено на 450 вработени што работат во канцеларии во САД, во кое научниците го измериле времетраењето на спиењето и пулсот со помош на преносни уреди, покажуваат дека луѓето на кои им треба аларм за да се разбудат наутро генерално се поуморни од оние што се будат без него.

Научниците од Универзитетот „Нотр Дам“ во Индијана објавија дека 57 отсто од нив се разбудиле со помош на аларм и по правило биле поуморни од оние што се разбудиле природно бидејќи алармот им го нарушил природниот циклус на спиење.

Спротивно на тоа, луѓето што природно се будат спиеле подолго и консумирале помалку кофеин на дневна основа. Тие, исто така, се чувствувале помалку уморни во текот на денот.

Научниците објаснуваат дека кога се будиме природно, телото го активира „одговорот на стрес“ непосредно пред будењето со цел да нѐ подготви за тоа и да нѐ разбуди.

Додека будењето со ѕвонење на алармот, телото го прескокнува тој природен одговор и тоа доведува до прекин на циклусот на спиење.

Студијата објавена во списанието Sleep покажа дека најпогодени од замор се таканаречените ноќни птици, луѓето што најмногу го користат алармот за да се разбудат наутро.

Со утринскиот аларм прво треба да помислиме дека е време за станување, а не дека треба да спиеме подолго и да го замолчиме алармот бидејќи нема да го решиме недостигот на сон ако го притиснеме копчето за одложување.

Во студијата се наведува дека оние пет или 15 минути сон што ги добиваме по притискање „snooze“, односно одложување на алармот, несомнено нема да ни го дадат најдоброто што треба да го добиеме од процесот на спиење.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author