26.12.2022 Скопје
Косовскиот премиер Албин Курти побара од КФОР и ЕУЛЕКС јасно да одговорат дали, и кога планираат да преземат мерки во врска со барикадите во Косово. Курти ги предупреди дека доколку не планираат такво нешто, Приштина има детален план за отстранување на 11 барикади на северот на Косово.
Непосредно пред денешната средба меѓу Курти и претставниците на КФОР и ЕУЛЕКС, беше објавено дека косовската полиција склучила договор вреден 124.000 евра за изнајмување на „тешка механизација“ од приватна компанија која се занимава со дробење камења, но се уште не е прецизирано за каква цел полицијата би ја користела таа механизација.
И Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, вчера изјави дека барикадите на северот на Косово мора да се отстранат.
Командантот на КФОР, италијанскиот генерал Анџело Микеле Ристуча во неколку наврати потенцираше дека барикадите не смеат да се отстрануваат насилно, туку со дијалог и политички договор.
Подготвено од М.Н.