31.12.2022 Скопје
Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека се невистинити шпекулациите објавени во медиумите дека имало некакви тајни преговори со Србија за отстранување на барикадите кои ги поставија косовските Срби во северно Косово.
Курти истакна дека доколку од КФОР не ги отстранеле барикадите, косовската полиција ќе го сторела тоа, но при посетата кај нив директно се уверил дека „тие имаат не само волја, туку и капацитет да го сторат тоа”.
Курти категорично ги демантираше наводите дека ветил формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население и нагласи дека единствена гаранција која им е дадена на меѓународните претставници е дека нема списоци за апсења на Срби на северот на земјата.
Курти изјави дека, со цел за да се смири ситуацијата во областите населени со мнозинско српско население, имало средби единствено со мировната мисија на НАТО, КФОР, со мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС и со амбасадорите на петте најголеми западни сојузници на Косово, таканаречената КВИНТА, која ја сочинуваат САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија.
Подготвено од М.Н.