28.12.2022 Скопје
Од ЈП „Лајка“ информираат дека на почетокот на декември 2022 година во прифатилиштето на ова јавно претпријатие е констатирана појава на инфективна болест штенечак – кучешка чума кај вкупно 5 заловени кучиња.
ЈП „Лајка“ објасни дека станува збор за заразна болест предизвикана од вирус, кој ги напаѓа респираторниот, гастроинтестиналниот и нервниот систем кај млади, но како што велат и кај возрасни кучиња. Според стручните лица, станува збор за болест која доколку навремено се детектира и соодветно се третира, може да се излекува.
Оттаму велат и дека веднаш по констатирањето на првите случаи, во согласност со стручните ветеринарните препораки и насоки, од нивна страна се преземени низа превентивни мерки.
Од ова јавно претпријатие објаснуваат дека протоколот во прифатилиштето е во согласност со ветеринарната практика и светските практики за управување прифатилишта од овој тип и во консултација со ветеринарната фела, активисти и претставници на здруженијата за заштита на животни.
За таа цел, донесени се превентивни мерки што се преземаат во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ какви што се забрана за заловување и враќање бездомни кучиња во период од 30 дена, поради долгата инкубација на болеста и следствено, опасност кучињата да пројават знаци на болеста веќе откако ќе бидат вратени на локацијата.
Затоа, како што објаснуваат оттаму, во периодот од 30 дена во стационарот ќе се прифаќаат само кучиња што се пријавени како агресивни или кои каснале граѓани. Како дел од превентивните мерки, направена е и внатрешна реорганизација, дезинфекција и санација на сите оддели – карантин, интензивна нега, постоперативен дел и вдомување во рамките на ЈП „Лајка“.
Подготвено од А.Ѓ.