04.12.2022 Скопје
Во делот на борбата против корупцијата и владеењето на правото, Ковачевски вчера на прес-конференција потсети на поделените надлежности и во таа насока посочи дека Владата треба во рамки на своите надлежности да овозможи независно функционирање на судството и на обвинителството во државата.
Во однос на заложбите на Владата, Ковачевски ги поттикнува сите кои се соочиле со одредени криминални коруптивни пракси, веднаш да ги пријават кај сите надлежни институции што се задолжени за тоа и да одлучуваат судските и обвинителските органи нормално во согласност со закон во рамки на своите надлежности.
Ковачевски се осврна и на неговиот состанок со амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер и со потсекретарот на САД за борба против тероризам и перење пари, на кој се разговарало на теми поврзани со надлежностите на МФ на САД и посебно на овој потсекретар. Во тој дел, Ковачевски најави дека ќе следуваат заеднички активности.
Во обраќање по повод одбележувањето на 30 годишнината од партнерството на УСАИД-Американска агенција за меѓународен развој со Република Северна Македонија во Скопје, американската амбасадорка Анџела Агелер истакна дека Соединетите Држави постојано ја поддржуваат целта на Република Северна Македонија да биде добро управувана, демократска земја, нудејќи еднакви можности за сите нејзини граѓани, уште од стекнувањето на независноста во 1991 година.
Меѓу другото, Агелер изјави дека фокусот денес е на подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата, истакнувајќи дека корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Република Северна Македонија.
Агелер додаде дека во текот на изминатите три децении, односот со земјава еволуираше во стратешко партнерство и сојуз и сега, вели, работиме заедно како рамноправни партнери и пријатели за заеднички да создаваме и имплементираме локални решенија и да донесеме одржлив развој и позитивни промени.
Американската амбасадорка порача дека намалувањето на корупцијата е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла. Воедно, додаде дека иако земјава чекори по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Република Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство.
Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар на настан посветен на евроатлантската иднина на регионот, одржан во Атлантскиот совет во Вашингтон потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции.
Ескобар истакна дека земјава ги има направено сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, а Владата има капацитет да го направи тоа што треба за земјата да стане полноправна членка на Унијата. Воедно, оцени дека македонската Влада е добар партнер во спроведувањето на агендата за евроинтеграција на Република Северна Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.