https://vlada.mk/node/31440

16.12.2022 Скопје

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на министерскиот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува денеска во Цетиње, Црна Гора, истакна дека македонската економија има огромен, а недоволно искористен потенцијал за развој во делот на креативните индустрии, како и луѓе кои со своите дела веќе се имаат докажано на светската сцена, но мора да се направи многу повеќе за да се унапредат условите, со што ќе се добие и поголема ефикасност.

Костадиновска-Стојчевска додаде дека од неодамна е формирана Асоцијација на креативни индустрии при Стопанската комора на Република Северна Македонија, која се залага за унапредување, развој, поттикнување, зачувување и негување на културата и културното наследство, објаснувајќи дека Асоцијацијата предвидува учество и организирање на разни видови активности со цел поддршка на постојните индустрии, активно учество во креирањето на законските измени и нови решенија на полето на креативните индустрии, како и подобрување на генералната економска слика на Република Северна Македонија.

Министерката Костадиновска-Стојчевска, воедно, потсети дека имаат и стратегија во која е разработена темата за креативните индустрии, но недостига поактивна имплементација на утврдените цели, а процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа дава отворена можност за унапредување на политиките во сите сфери на живеењето.

Министерството за култура предвидува формирање нов сектор за креативни индустрии со посебна буџетска линија.

Министерката истакна дека успесите во креативните индустрии се заеднички успеси, и имаат повеќекратно значење, покрај високиот економски бенефит, изразувајќи уверување дека сите заедно, со заедничките искуства, вмрежени на институционално ниво, ќе му помогнат на целиот регион со иста ефикасност да ги следи европските достигнувања.

На крајот Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство што Република Северна Македонија од јуни следната година ќе биде претседавач на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и нивен домаќин.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author