15.12.2022 Скопје
Косовскиот премиер, Албин Курти денес претпладнево отпатува за Чешка, која е актуелен претседавач со Европската унија, за да го предаде барањето на Косово за зачленување во семејството на Унијата.
Како што соопштија од косовските владини служби за информирање, Курти во Прага прво ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Јан Липавски, а потоа ќе биде примен од министерот за европски прашања на Чешка, Микулаш Бек, на кого ќе го предаде косовското барање за добивање статус на кандидат за членство во ЕУ.
Церемонијата на предавање на барањето е најавено дека ќе се одржи во 13 часот во Владата на Чешка, по што Курти и Бек ќе одржат заедничка прес-конференција.
Барањето за зачленување во Унијата вчера во Приштина го потпишаа претседателката на Косово, Вјоса Османи, собранискиот спикер Глаук Коњуфца и премиерот на Косово Албин Курти.
Подготвено од М.Н.