20.12.2022 Скопје
Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека нема да дозволи барикадите во северно Косово да останат уште долго и за нивно отстранување се во постојана координација со мировната мисија на НАТО и КФОР.
Курти изјави дека министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља е секој ден во Митровица и е во постојан контакт со Командата на КФОР.
Косовскиот премиер Курти, за барањето на срспкиот претседател, Александар Вучиќ за дозвола за влез на српската војска во сверно Косово, изјави дека тоа говори повеќе за самите српски власти и дека тоа е потврда дека тие останале заглавени во 19-тиот и 20-тиот век.
Србите на Косово на 10 декември започнаа со блокади на патиштата и на граничните премини кон Србија во северно Косово, откако ден претходно беше приведен поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, осомничен дека организирал напади врз канцелариите на Централната изборна комисија и на припадници на полицијата на Косово.
На 18 декември во четири општини на северот на Косово требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.
Косовскиот премиер Албин Курти, истакна дека инцидентите во северот на Косово ги предизвикуваат криминални групи, кои се предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ.
Подготвено од М.Н.