18.12.2022 Скопје
Ханука или Хаг Хаурим, празникот на слободата и светлината, кој трае до 26 декември, а започнува од денес 18 декември по заоѓање на сонцето, се слави во спомен на тригодишната ослободителна војна, односно ослободувањето на Ерусалим во 165 п.н.е., кога беше повторно запалено кандилото.
Прославата трае осум дена, еврејските семејства палат свеќник со осум гранки (ханукија), кој наликува на менора, со осум главни гранки и една помошна гранка.
Најпрво се поставуваат осум еднакви свеќи, по една за секој ден од празникот, од десно кон лево, потоа со специјална свеќа „шамаш“, која стои во помошниот крак, свеќите се палат од лево кон десно, така што на крајот на осмиот ден од празникот, сите свеќи ќе бидат запалени.
Легендата вели дека по уништувањето на ерусалимскиот храм, во него било пронајдено масло за менора, кое било доволно само за еден ден но маслото во кандилото горело цели осум дена, што во јудаизмот тоа се смета за вистинско чудо.
Во деновите на Ханука се пеат оди за Ерусалимскиот храм, се јадат крофни сите осум дена од празникот, се слави во сите домови, училишта, еврејските заедници, во Израел се палат свеќи на сите плоштади и пред градското собрание.
Подготвено од М.Н.