https://www.flickr.com/photos/brennwald/51619172351/in/photolist-2mDpKyc-4QtmEy-8FqSmJ-idZrjE-idZ6Sp-idZje9-zrjJ9-NhGEBE-RYBY77-oq3Jat-ejJ4dn-QNeMck-oqiuDm-2n32YSH-2n34AMQ-cNgQtw-2n36hxL-2n34Bga-o8Qk2c-8h77wV-pR12cv-os5MtZ-os5Mc6-BWyz3L-4hrWtz-byKc3V-ekBbcK-3UcLwM-2n34BDu-5RqoA6-os5NJp-oq3Huv-5ANh5d-jmGFKv-jmFb1e-c3GnRN-jmKxBU-7KJwPj-hDo3Et-2n32YWa-2n36h2q-2n2X42v-2n36hmo-2n34B1v-2n32Z37-2n32Zbt-2n2X4eQ-2n36h5X-2n36ho2-2n34B2Y

26.12.2022 Скопје

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, ги потврди информациите објавени во косовските медиуми дека синоќа имало пукотници во близина на нејзина патрола кај Зубин Поток во северно Косово, каде што локалните Срби имаат поставено барикади на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија и наведува дека станува збор за патрола со војници од Летонија и дека во инцидентот немало повредени.

Со ова КФОР го демантира лидерот на најголемата партија на косовските Срби, Српска Листа, Горан Ракиќ, кој за белградска телевизија изјави дека се работи за дезинформација и дека кај Зубин Поток немало никакви пукотници.

Косовските Срби на 10 декември поставија барикадите на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

Подготвено од М.Н.

About Author