09.12.2022 Скопје
Министерството за надворешни работи на Канада соопшти дека Канада денеска воведе нови санкции кон Русија, Иран и Мјанмар поради наводно кршење на човековите права од тамошните власти.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Канада стои дека казнените мерки се насочени кон 33 сегашни или поранешни високи руски функционери и шест служби вклучени во наводно „системско кршење на човековите права“ на руски граѓани кои протестираат против инвазијата на Украина.
По руската инвазија на Украина на 24 февруари Канада воведе санкции за повеќе од 1.500 луѓе и служби од Русија, Украина и Белорусија.
Санкции се воведени и за 22 претставника на иранските власти.
Новите санкции кон Иран беа воведени еден ден по бесењето на човек осуден на смрт за прободување чувар и блокирање улица во главниот град Техеран, што е прва егзекуција во врска со неодамнешните антивладини протести.
Покрај Иран и Русија, Канада воведе и санкции за 12 лица и три служби во Мјанмар кои го помагаат достравувањето оружје до војската и овозможуваат таа да користи насилство.
Владејачката хунта во Мјанмар ја презеде власта преку државен удар извршен минатата година.
Активистите за човекови права велат дека војската сега редовно ја користи смртната казна како „политичка алатка“.
Повеќе од 16.500 луѓе се уапсени по пучот, а повеќе од 13 илјади останаа во притвор, според групата за права што ги документира злоупотребите од страна на хунтата.
Поради наводи за случаи на кршење на човековите права, санкции против Русија денеска воведе и Велика Британија.
Подготвено од А.Ѓ.