09.12.2022 Скопје
Јапонија, Велика Британија и Италија соопштија дека заедно ќе соработуваат на проектот за нова генерација борбени авиони.
Владите на трите земји во заедничко соопштение посочуваат дека Токио, Лондон и Рим ќе започнат амбициозен проект за развој на борбен авион од новата генерација, а прототипот се очекува до 2035 година, како дел од „Глобалната борбена воздухопловна програма (GCAP – Global Combat Air Programme).
Како што се наведува во соопштението, ќе има можности за соработка и со други партнери. Јапонија се стреми да ја прошири соработката во областа на одбраната и со други партнери покрај нејзиниот традиционален сојузник САД. Соработката ќе се заснова на истражувања кои веќе ги иницираа трите земји во областа на високите технологии во борбената авијација, како што се беспилотни летала, и претставува прво здружување на Јапонија со европски партнери во оваа област.
Претставник на јапонското Министерство за одбрана изјави дека многу детали за проектот се уште не се познати, ниту колку ќе чини, но прецизираше дека производството треба да започне околу 2030 или 2031 година за да може да се создаде прототип до 2035 година.
Во центарот на проектот би требало да бидат јапонските Мицибуши хеви индастрис (Mitsubishi Heavy Industries), британската BAE Systems и италијанскиот Leonardo.
Во соопштението се додава дека со оглед на тоа што е важно да ја бранат нивната демократија, нивната економија и нивната безбедност и да ја заштитат регионалната стабилност, им требаат цврсти партнери во областа на одбраната и безбедноста, опремени и зајакнати со веродостојна моќ за одвраќање.
Подготвено од А.Ѓ.