14.12.2022 Скопје
Како што пренесуваат косовските медиуми, денешниот ден е историски за Косово бидејќи денес во Приштина е потпишано барањето за влез на државата во ЕУ.
Според претходните најави во медиумите, церемонијата на потпишување на документот е започната во 11 часот, а документот го потпишаа претседателката на Косово Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и претседателот на косовскиот парламент Гљаук Коњуфца. По церемонијата претседателката Османи одржа говор каде што потенцираше дека Косово како земја на мирот и почитувањето на човековите права заслужува да биде дел од ЕУ.
Претседателката Османи потенцираше дека 14 декември има двојно значење во современата историја на Косово, односно дека покрај барањето за членство, денеска се одбележува и годишнината од основањето на косовската армијата.
Овие два чина одат во насока на нашата евроатлантска визија и во име на Косово, правиме одлучувачки чекор кон остварување на сонот односно да ја приближиме нашата земја чекор поблиску до ЕУ истакна Османи.
Во пресрет на 15-годишнината од независноста, овој чин е посветен на сите граѓани, оние кои се изборија за слобода. Најмладата земја во Европа, придонесувач за мирот и безбедноста заслужува да биде дел од ЕУ. Нашиот пат е многу јасен и решени сме да успееме изјави претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Подготвено од М.Н.