09.12.2022 Скопје

Фудбалската репрезентација на Хрватска приреди сензација и го исфрли Бразил од четвртфиналето на Светското првенство, откако подобро изведуваше пенали со 4-2 (1-1). Пресметката на „Едукејшн Сити“ во Ал Рајан беше релативно изедначена, Хрватите одлично парираа, Доминик Ливаковиќ блескаше меѓу стативите, а по еден момент на невнимание на двете страни понуди по еден гол во продолженијата. Откако дуелот влезе во пенал-рулетот, Хрватите одново ја покажаа својата моќ и го елиминираа големиот фаворит.

Искусниот стратег на клупата на Бразил, кој ги минува последните денови на чело на најуспешната светска селекција, Тите, се реши да не прави промени во својот состав. Бразил на терен истрча со истиот тим како против осминафиналниот натпревар со Јужна Кореја, во кој со четири потигнати гола уште во првото полувреме го реши патникот во следната фаза. На спротивната страна, пак, ако изненадувањето на Златко Далиќ против Јапонија беше Бруно Петковиќ, денес се реши предност да му даде на членот на Аталанта, Марио Пашалиќ, пред напаѓачите на Динамо Загреб и Хајдук.

Ако на претходните натпревари во Катар, „кариоките“ уште од самиот старт ја имаа контролата на топката и доминираа на терен, против Хрватска не беше така. Светскиот вицешампион мотивирано и храбро го отвори дуелот во кој беше тотален аутсајдер. Тактичната и формациската поставеност на момците на Далиќ не дозволуваше Бразил да влезе во посакуваниот ритам, па затоа во првото полувреме речиси и да немаше поголеми возбудувања пред двата гола.

Бразил единствено се закани преку Винициус и Нејмар, но Ливаковиќ не беше ставен на маки, додека Хрватска најголемата шанса ја имаше во 22. минута кога по еден центаршут на Јурановиќ, Перишиќ и Крамариќ за малку не ја стигнаа топката.

Свежи сили внесе и Далиќ и на местата на Пашалиќ и Крамариќ во игра влегоа Петковиќ и Влашиќ, но нападите на „кариоките“ не престанаа. Во ситуација да го загрозат голманот на Динамо Загреб повторно се најдоа Нејмар и Пакета, но бразилските ѕвезди ни овој пат не го најдоа вистинскиот пат до противничката мрежа. Хрватса пак, која што играше одлично во првиот дел и знаеше да се префрли на противничката половина и да притисне, во вториот целосно се ориентираше на одбраната, каде покрај голманот Ливаковиќ, доминираше и Јошко Гвардиол. Последниот налет во регуларните деведесет минути го имаа фудбалерите на Бразил, но одново нападите беа јалови и натпреварот влезе во дополнителни триесет минути.

Хрватите беа целосно рамноправни, Бразил иако повеќе ја имаше топката го намали притисокот пред противничкиот гол и не ризикуваше премногу. Најголемата шанса во првото продолжение ја имаа „коцкестите“, преку Марцело Брозовиќ кој биеше непрецизно, откако Петковиќ се снајде одлично да му асистира. Сепак, спортската казна бргу ја стигна Хрватска, во вид на гол за 1-0 на Нејмар во 106. минута. Првата ѕвезда на Бразил проби низ средината, одигра двојно проигрување со Пакета, па го издрибла и Ливаковиќ пред да погоди за водство. Хрватите одново беа во инфериорна позиција, меѓутоа во самиот финиш Бруно Петковиќ стрелаше за 1-1. Течеше 117. минута од средбата, Мислав Оршиќ одложи до соиграчот на шеснаесетникот, па Петковиќ го матира Алисон, по што натпреварот влезе во пенал серијата.

Прв одговорност презеде Влашиќ кој погоди за предност, додека Ливаковиќ го одбрани ударот на Родриго. Во втората серија Мајер донесе двојно водство, ама Касемиро погоди иако голманот ја погоди страната. Сигурен беше капитенот Лука Модриќ, а младиот Педро не падна на притисокот и стрела за 3-2. Без промашување продолжија „коцкестите“ и по ударот на Оршиќ, па Маркињос ја погоди стативата и Хрватска мина во полуфиналето. Ова е трето мундијалско полуфинале за хрватската репрезентација.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *