12.12.2022 Скопје
Хрватска и Финска, како и Холандија и Канада, добија пилот-проекти за развој на дигитални пасоши на мобилни телефони, чија крајна цел е користење на најнова технологија за олеснување на патувањето и подобрување на безбедноста на патниците.
Хрватските граѓани ќе бидат меѓу првите во Европската Унија кои ќе можат да користат дигитална патна исправа во својот дигитален паричник во мобилниот телефон.
Дигиталниот патен документ ќе им овозможи на граѓаните, на пример, однапред да го најават своето пристигнување во некоја земја, а со тоа да го скратат времето на минување на граничните премини колку што е можно повеќе.
Проектот во Хрватска го спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за комерцијална дејност (АКД), во кои објаснуваат дека се работи за обемен проект, во кој развој и бројни тестови допрва следуваат, што е причина што Европската комисија одобри финансирање во износ од речиси 2,3 милиони евра.
Хрватските граѓани го користат е-пасошот од 2009 година, чија сигурност во моментов се заснова на проверка на автентичноста на личните податоци во физичка и електронска форма. Тоа значи дека дигитализираните податоци зачувани во чипот за пасош се идентични со печатените податоци во книжниот пасош. Исклучок се биометриските податоци.
Како што појаснуваат во АКД, пилот-проектите што ќе ги спроведуваат Хрватска и Финска, како и Холандија и Канада, имаат цел да имплементираат дигитална патна исправа, чија виртуелна компонента е поврзана со е-пасошот, т.е. содржи делумна копија од биографските и биометриските податоци на лицето во е-пасошот.
За новиот дигитален пасош АКД ќе го продолжи развојот на мобилната апликација Certilia, која секој граѓанин што има валидна лична карта со чип може да ја користи за дигитална потврда на идентитетот.
Подготвено од А.Ѓ.