07.12.2022 Скопје
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на свеченото отворање на КОП15 за биодиверзитетот, порача дека човештвото стана „оружје за масовно уништување” и време е да ставиме крај на нашата „војна против природата”.
На почетокот на конференцијата во Монтреал, Гутереш предупреди дека со „нашиот незаситен апетит за неконтролиран и нееднаков економски раст“, човештвото стана оружје за масовно уништување” на планетата, а за конференцијата истакна дека е можност да се стави крај на оваа оргија на уништување.
Откако дојде на функцијата генерален секретар на ОН во 2017 година, Гутереш ја стави борбата против климатските промени за еден од своите приоритети.
Гутереш зборуваше по канадскиот премиер Џастин Трудо, чиј настап беше прекинат со удирање на тапаните од десетици тамошни домородни претставници.
КОП15 треба да се соочи со големи предизвици: на милион видови им се заканува исчезнување, една третина од копното е сериозно нарушено, плодната почва исчезнува и океаните брзо се пропаѓаат поради загадувањето и климатските промени.
Хемикалии, пластика и атмосферско загадување ги задушуваат земјиштето, водата и воздухот, а загревањето на планетата од согорувањето на фосилните горива предизвикува климатски хаос – со топлотни бранови, шумски пожари, суши и поплави.
Повеќе од 190 земји учествуваат од 7 до 19 декември на конференцијата КОП15 за биолошка разновидност со цел да се постигне договор за природата за следниот десетгодишен период. Но, исходот од преговорите за дваесет цели кои треба да ги зачуваат екосистемите до 2030 година се уште е неизвесен.
Подготвено од А.Ѓ.