12.12.2022 Скопје
Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денес во Тирана го потпиша „Договорот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Албанија за развој на инфраструктурни проекти, логистичка безбедност и ефикасност на транспортот на стоки меѓу двете земји“.
Груби истакна дека му е задоволство што е дел од иднината преку еден креативен, современ и транспарентен пристап од страна на Владата на Република Албанија, овој пат преку мега проектот за пристаништето во Драч, исклучително значаен проект за албанската економија и туризам, но и со значително влијание врз економскиот развој на Република Северна Македонија.
Министерот Груби, воедно, додаде дека овој проект ги надминува димензиите на еден национален проект, тој е проект од стратешко значење за развојот на Западен Балкан и уште повеќе, тежината на овој проект кој е почнат да се реализира во однос со земјава, го зголемува проектот кој е главен приоритет на Владата на Република Северна Македонија, изградбата на патниот и железничкиот дел од Коридорот 8 што ќе го олесни и модернизира движењето на македонските граѓани до просториите на пристаништето во Драч, но и до Албанија воопшто. Исто така, истакна дека ова се два големи проекти, инвестиции кои ќе останат во служба на идните генерации и кои уште повеќе ќе ја зацврстат нераскинливата врска меѓу граѓаните на двете земји и меѓу земјите од Западен Балкан.
Груби додаде и дека со изградбата на автопат со 6 ленти од Скопје до Ќафасан, растојанието помеѓу Скопје и Тирана ќе се намали на 2,5 часа, Скопје и Валона на 3 часа. За максимално искористување на пристапот до пристаништето, планиран е почеток на изградбата и на железничката врска Скопје – Кичево – Поградец – Драч.
Во јануари, како што истакна министерот Груби, ќе се спојат и двете гранични контроли во една, со цел да се отстранат границите меѓу овие две земји, а се гради и интерконективната енергетска врска со два проекта, трафостаница во Охрид и високонапонска врска Битола-Елбасан.
Една новост за која разговарале со премиерот Рама на заедничката седница меѓу нашите две влади е изградбата на суво пристаниште во градот Струга, нова и креативна димензија на комуникација која несомнено, како што посочи, ќе придонесе за зајакнување на трговската размена меѓу нашите земји и е составен дел од изградбата на новото пристаниште Драч.
Подготвено од А.Ѓ.