14.12.2022 Скопје
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната Регионална конференција за борба против корупцијата, истакна дека граѓаните бараат резултати во борбата против корупцијата, а не декларативни заложби.
Денешната Регионална конференција за борба против корупцијата е организирана од страна на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал, со поддршка на Владата на Велика Британија и Регионалната Антикорупциска Иницијатива.
Грковска во своето обраќање истакна дека „или сериозно ќе се зафатиме со отстранување на дефектите и вирусите од системот или истите ќе нé изедат самите како трули јаболка, потенцирајќи дека иднината на нашите општества е во прашање. Воедно, додаде дека се радува што и денес ќе се разговара за тоа како да се подобри и зајакне ударот кон организираниот криминал и корупцијата, на кој начин може да се подобри регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансиски текови во регионот, особено во контекст на Берлинскиот процес.
Целта на конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот во контекст на Берлинскиот процес. Покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, присуствуваа и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека не постои во светот општество целосно имуно на корупција, но факт е дека секоја држава е различно подготвена и различно реагира на корупцијата.
Грковска, исто така, информираше дека од крајот на јуни минатата година кога е усвоен Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови за брзо следење на спроведувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата (УНКАК), соработката на земјите од западен Балкан е интензивирана и значајно попродуктивна. Во изминатиот период се работеше, додаде таа, на трите идентификувани приоритетни области, а тоа се транспарентност во текот на целиот циклус на јавни набавки, како и подобар надзор и отчетност во јавните набавки, на зајакнување на напорите за спречување, идентификување и управување со судир на интереси, како и зајакнување на соработката на сите нивоа преку меѓуагенциски пристап на органите за спроведување на законот, обвинителството и судството, единиците за финансиско разузнавање.
На првиот дел од Регионалната конференција се обратија и евроамбасадорот Дејвид Гир, како и Ерик Мејер, заменик амбасадорот на САД во земјава, Сузи Дајкин од британското Министерство за внатрешни работи, како и претставници од владите на Република Србија, Црна Гора и Албанија.
Подготвено од А.Ѓ.